МЗТ потврди: Магдевски си замина од Аеродром

Андреј Магдевски и официјално од денеска не е член на МЗТ Скопје, откако информацијата што се појави утрово, вечерва беше потврдена преку официјално соопштение на актуелниот првак на Македонија.

Иако имаше договор до јуни 2024 година, Магдевски го напушта таборот на аеродромци, а останува да се види дали ќе се пресели во друг македонски клуб или пак ќе се реши за нов странски ангажман, откако лани имаше успешна авантура во романскиот прволигаш Плоешти.

„Плејмејкерот минатото лето дојде во нашиот клуб од романскиот тим Плоешти, но по неколку месеци од новата сезона изрази желба за промена на локацијата. Во неколку долги разговори со кошаркарот, дојдовме до заеднички заклучок дека во моментов најдобро за двете страни е да се прекине соработката и да му се овозможи да најде средина во која ќе може уште подобро да се снајде и искаже. Магдевски сезонава настапи на седум средби во АБА-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 5,4 асистенции за 17 минути просечно минати на паркетот, додека во македонската Прва лига на шест натпревари реализираше по 6,5 поени, 4,8 скока и 3,7 асистенции за нешто повеќе од 20 минути во просек“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

Останува да се види дали МЗТ Скопје ќе ангажира нов играч на плејмејкерската позиција, со оглед на се посериозната финансиска криза со која се соочуваат аеродромци на самиот старт од сезонава.

Се вчитува...