МЗТ поведе со 1-0, Куманово издржа само едно полувреме

МЗТ Скопје поведе со 1-0 во полуфиналната серија против Куманово, откако актуелниот шампион ја оправда фаворитската улога и рутински славеше со резултат 71-51. Гостите се прикажаа во солидно светло во првото полувреме, но поради ограничениот ростер што го има тренерот Србиновски дојде до голем пад во вториот дел, по што МЗТ за неколку минути стигна до двоцифрена предност и потоа до крајот лесно го контролираше резултатот.

Јанески играше одлично за Куманово во првата четвртина, постигнувајќи девет поени. Тој ги одржуваше кумановци во игра до резултат 13-13, по што во ритам влезе  Дреновац, па МЗТ ја доби стартната четвртина со 20-15. Лалиќ реализираше за водство од 23-15 во единаесеттата минута, но кумановци собраа сили и се вратија, па три минути подоцна дури и поведоа со поените на Јанески (23-24). Кај шампионот се разбуди екс-кумановецот Данило Мијатовиќ, со чија помош предноста на домаќините експресно порасна на девет поени (35-26), но вицешампионот подобро го финишираше полувремето и на одмор се замина со 35-32.

IMG_4113

Анте Назор имаше причини за незадоволство од изданието на „металците“, но советите на Хрватот на полувремето вродија со плод, па МЗТ ја отвори третата четвртина со серија од 11-2, набрзина стигна до двоцифрена предност и го контролираше резултатот до самиот крај. Младиот Мекиќ одигра одлично во финишот од третата четвртина, со осум поени кревајќи ја разликата до „плус дваесет“ (59-39).

Четвртата четвртина мина во рутинка игра во која МЗТ Скопје знаеше како да ја одржи убедливата предност, на крајот триумфирајќи со конечни 71-51.

Дреновац беше најефикасен кај победничкиот тим со 17 поени, Лалиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 11 скокови, додека Мекиќ го заврши мечот со 12 поени. Јанески со 13 и Браун со 12 поени беа најефикасни во редовите на Куманово.

IMG_4034

Вториот натпревар од оваа полуфинална серија се игра в недела во Куманово.

Се вчитува...