МЗТ поведе со 1-0 во финалето, Мавра од херој до трагичар на „соколите“

МЗТ Скопје триумфираше со минимални 77-76 во првиот финален дуел против Карпош соколи, како најава за суперинтересната финална серија меѓу овие два градски ривали. „Металците“ мора да бидат задоволни бидејќи од „минус девет“ на крајот од третиот период успеаја да го свртат резултатот во своја корист. Тренерот Назор сигурно ќе има забелешки за падот на концентрацијата во самиот финиш, кога „сино-белите“ прокоцкаа „плус девет“ за помалку од две минути, но за негова среќа гостите не се снајдоа најдобро. Доминик Мавра можеше да биде херој откако погоди тројка за 76-76, но Хрватот потоа го промаши клучниот шут што можеше да им донесе победа на „соколите“, претворајќи се во трагичар на тимот од Карпош.

Првото полувреме мина во апсолутно израмнета битка во која ниту еден од двата тима не успеа посериозно да се одлепи. Карпош соколи во втората минута поведе со 2-6, за потоа разликата до крајот на стартната четвртина да не биде поголема од тие четири поени, а гостсите да го завршат овој период со минимална предност од 19-21, со реализацијата на Пери на шест секунди до крајот. Ништо поинаква не беше ниту втората четвртина, во која МЗТ за момент имаше и „плус пет“ (34-29), но гостите набрзина се вратија, па на одмор се замина со минимална предност на МЗТ од 41-40. Главен играч во овие 20 минути беше Ѓорѓе Дреновац, кој во првите две четвртини постигна 17 поени.

IMG_9367

Гостите од Карпош изненадија со одлична партија во третиот период, па по израмнувањето од 45-45 во 23. минута следеше серија на „соколите“ од 5-14. Избраниците на Николиќ дури имаа и напад при 50-59, но Младеновски во вистински момент украде топка, по што Мијатовиќ погоди тројка и ја врати самодовербата во редовите на шампионот.

По поените на Пери во последните десет минути се влезе со резултат 53-61, но неполни четири минути им беа доволни на кошаркарите на МЗТ да го свртат резултатот во своја полза. Тајмаутот на Николиќ не помогна, со новата тројка на Мијатовиќ „металците“ дојдоа до позитива од 64-63, а веќе во следниот напад од далечина погоди и Тејмс, по што стана јасно дека МЗТ влегува во ритам за кој гостите немаат одговор.

Дреновац на нешто повеќе од две минути до крајот погоди за водство на аеродромци од 76-67, но гостите од Карпош не се предадоа. Најпрвин тројка погоди Зековиќ, потоа од иста позиција прецизен беше и Пери, па по промашениот обид на Ѓуроски „соколите“ на една минута до крајот имаа напад при резултат 76-73. Зековиќ се обиде за тројка од осум метри, не погоди, но на спротивната страна прецизен не беше ниту Дреновац. „Соколите“ добија уште една шанса за израмнување што ја искористи Доминик Мавра.

Николиќ тргна храбро, па беше направена лична грешка над Тејмс за „соколите“ да го имаат последниот напад. Американецот, кој во претходниот обид два пати промаши, овојпат само еднаш беше прецизен, по што гостинскиот тренер побара тајмаут за да го организира последниот напад на својот тим. Мавра пак ја презеде одговорноста, доби ситуација да игра „еден на еден“ со Мијатовиќ, но хрватскиот бек на „соколите“ се посрамоти со „бунар“ под противничкиот кош и пораз на својот тим во овој суперинтересен премиерен меч од финалната серија.

IMG_9255

Дреновац со 26 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, Мијатовиќ оствари дабл-дабл од 17 поени и 10 скокови, додека кај Карпош соколо најдобри поединци беа Пери со 21 и Мавра со 18 поени.

Се вчитува...