МЗТ – Работнички, дерби со хуманитарен карактер – Донираме за Гешо

Претстојното вечно дерби меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички, кое ќе се одигра в среда во салата „Јане Сандански“ со почеток во 17.45 часот, покрај првенствен ќе има и – хуманитарен карактер, информираат од актуелниот македонски првак.

Сите средства собрани од продажбата на билети за македонското кошаркарско „Ел Класико“ ќе бидат наменети за помош на кошаркарската легенда, Стеван Гешовски. За време на натпреварот, на повеќе места во салата, ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна донација со што вкупниот износ за помош на некогашниот прославен кошаркар би бил уште поголем. Хуманитарниот карактер на мечот е во соработка со КК Работнички и со Меѓународниот сојуз – Скопје.

Станува збор за поранешен капитен на МЗТ Скопје Аеродром и некогашен технички директор на репрезентацијата на Македонија, кој пред две години доживеа исхемичен мозочен удар. Како последица на тоа, Гешовски има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите, за што како најадекватна метода за лекување е терапијата со матични клетки во Москва. Лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите и на неговиот говор и дека би бил ослободен од константните болки.

Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра, средства кои тој сам не може да ги обезбеди. За таа цел, МЗТ Скопје Аеродром апелира до нашите навивачи и следбеници, но и до приврзаниците на противникот и сите спортски вљубеници кај нас, в среда да дојдат во што е можно поголем број во салата „Јане Сандански“ со што истовремено би биле хумани, но и би уживале во мајсториите на најголемите кошаркарски ривали кај нас.

Билетите се веќе во продажба по цена од 100 денари, а истите може да се купат на билетарата пред спортскиот комплекс во населбата Аеродром и онлајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/.

Се вчитува...