МЗТ Скопје ја освои Битола

Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром славеше на гостувањето кај Пелистер со 79-83 во последниот натпревар од оваа календарска 2022 година во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Претходно денеска беше објавено дека српскиот стратег Драган Николиќ ќе биде замената за Александар Петровиќ кој по слабиот старт во АБА лигата и поразите од директните ривали за опстанок го напушти кормилото на македонскиот шампион, па затоа на овој меч „металците“ беа предводени од досегашниот помошник Васко Атанасов.

Откако по пет минути игра натпреварот беше во егал (10-8), домаќините одиграа одлично во фазата на напад и по првата чевтртина веќе имаа двоцифрена предност (26-16). Во вториот период актуелниот македонски шампион одигра на повисоко ниво, па успеа да намали малку од негативата и на пауза да замине со минус шест (48-42).

Гостите одлично го отворија второто полувреме и со добра игра во нападот успеаја во 25. минута да стигнат до израмнување (58-58), а само минута подоцна стигнаа до првото водство по стартот на натпреварот (58-60), а по три четвртини резултатот на семафорот изнесуваше 64-67. „Металците“ одлично го отворија последниот период и на три минути до крајот на мечот стигнаа до највисоки плус осум (70-78). Сепак, домашните со две врзани тројки намалија на само минус два (76-78) и натпреварот го внесоа во неизвесна завршница. По тајм-аутот тимот од Аеродром подобро се снајде во финишот и стигна до конечен триумф од 79-83.

Бојан Крстевски и Мајкл Кефи со по 22 поени беа најдобри поединци во таборот на победникот, додека кај поразените по 20 постигнаа Хаџифејзовиќ и Карутерс.

Се вчитува...