МЗТ Скопје ја прослави победата против Сутјеска во празна сала (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонскиот претставник МЗТ Скопје Аеродром ја оствари 12.победа во АБА 2 оваа сезона, совладувајќи го составот на Сутјеска со 88-78. Но, триумфот беше прославен во празна сала откако судиите двапати го прекинуваа мечот поради вулгарни скандирања и фрлање тврди предмети од трибините во СЦ „Јане Сандански“.

На пет минути пред крајот, судиите побараа навивачката група „Фемили Аеродром“ да ги напушти трибините, а откако средбата продолжи се случи уште еден прекин, на две минути пред крајот. Поради непристојни скандирања кон судиите, арбитрите побараа да биде испразнета комплетната сала за да може мечот да се приведе до крај.

Тимот на Ѓорѓи Кочов слабо го стартуваше мечот, го загуби првиот период со 13-18, а на полувремето имаше негатива од еден поен (32-33). Но, клучна за триумфот на „металците“ беше третата четвртина која домашниот состав ја доби со убедливи 14 поени разлика, правејќи солидна предност пред последните десет минути.

Сутјеска се обиде да се доближи, но Ерон Харис со тројката на пет минути пред крајот повторно врати двоцифрено водство. По двата прекини, мечот продолжи, а МЗТ Скопје Аеродром на крајот славеше со 88-78.

Дамјан Стојановски со 28 поени беше најефикасен во составот на МЗТ Скопје Аеродром, а забележителни партии имаа и Ерон Харис (14) и Бојан Крстевски (14). Најдобар поединец на мечот беше Никола Павличевиќ од Сутјеска, кој уфрли 36 поени.

 

Се вчитува...