МЗТ Скопје ја загуби битката во Сплит

МЗТ Скопје во седумнаесеттото коло го претрпе и петтиот пораз во АБА2 лигата, откако македонскиот шампион вечерва загуби на гостувањето против Сплит со резултат 98-85. „Металците“ имаат за што да жалат бидејќи на полувреме имаа водство, до 35. минута целосно му парираа на домаќинот, но на крајот мораа со наведнати глави да го напуштат теренот. Без оглед на денешниот пораз, МЗТ останува сигурен на второто место на табелата со скор од 12 победи и 5 порази.

Македонскиот првак фуриозно го почна мечот, па предводен од Бојан Крстевски (пет поени) по неполни три минути игра поведе со 2-10. Домашниот стратег беше принуден веднаш да побара тајмаут, по што Сплит се консолидираше, па хрватскиот состав дури и ја заврши четвртината со предност од 27-22, откако МЗТ Скопје во последните пет минути постигна само четири поени. Избраниците на тренерот Кочов успеаја да се вратат, па со подобра игра во финишот од втората четвртина и постигнатите тројки на Милошевиќ и на Харис на одмор да заминат со „плус пет“ (45-50).

Со израмнета игра се продолжи и во третата четвртина, а МЗТ се соочи со сериозни проблеми со реализација на слободните фрлања, реализирајќи само два од осумте обиди во овој дел од натпреварот. Сплит знаеше како да го казни тоа, повторно го презеде водството, па во последниот период се водеше жестока борба за победа. Хрватите клучната предност ја направија на пет минути до крајот, поведоа со 85-80, а Кочов ниту со тајмаутот не успеа да го врати својот тим во ритам, па македонскиот шампион до крајот на мечот се најде во уште поголема негатива, се до конечните 98-85.

Крстевски со 18 поени беше прв стрелец на МЗТ, еден помалку постигна капитенот Дамјан Стојановски, додека Милошевиќ го заврши мечот со 15 поени. Главен проблем на „металците“ на оваа средба беа слободните фрлања, реализирајќи само девет од 22 обиди од линијата.

МЗТ Скопје во следното коло на 30 јануари ќе ја пречека екипата на Хелиос од Словенија.

Се вчитува...