Кошаркарите на МЗТ Скопје максимално мотивирани влегуваат во денешниот натпревар со Задар (18 часот), кој ќе го даде името на последниот патник во АБА1 лигата за наредната натпреварувачка сезона. Тренерот Кочов и неговите избраници пропуштија идеална можност за такво нешто минатата седмица, кога прокоцкаа „плус 14“ и загубија минимално среде Скопје. Таа, сега билетот за АБА1 ќе мора да се извади по потешкиот пат, преку мајсторка на гостински терен.
„Металците“ во првиот дуел од овој бараж веќе славеа во Хрватска со 83-89, меч во кој имаа и над 20 поени предност. Сепак, на сите им е јасно дека овојпат задачата ќе биде далеку потешка, против „осоколените“ домаќини по големиот триумф во Скопје. Згора на тоа, тренерот Кочов нема да може да смета на услугите на Бојиќ, кој поради повредa воопшто не отпатува со тимот за Хрватска.
„Задар е тим што можеме да го победиме, но само доколку играме максимално ангажирано и во нападот и во одбраната. Клучно ќе биде да нема осцилации како што тоа беше случај во второто полувреме од вториот натпревар“ – порачуваат од таборот на МЗТ.
Добра вест за „сино-белите“ е што имаа можност барем за малку одмор откако на 25 мај се сретнаа со Куманово во домашното првенство. На спротивната страна, Задар триумфираше на гостувањето против Шибеник и се пласираше во полуфиналето од хрватскиот шампионат, каде за ривал ќе го има шампионот Цедевита.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА