МЗТ Скопје покажа кој е кој во мак-баскетот: Кумановци прегазени на стартот од полуфиналето

МЗТ Скопје на најдобар можен начин покажа зошто важи за главен фаворит за титулата, откако по доминацијата во четвртфиналето со Феникс актуелниот првак импресивно ја стартуваше и полуфиналната серија против Куманово, добивајќи го првиот меч со убедливи 81-64. Гостите од Куманово во ниту еден момент не покажаа дека се способни за изненадување, откако МЗТ уште во првото полувреме стигна до убедливо водство по што лесно го контролираше резултатот до самиот крај.

Војдан Стојановски беше во главна улога во почетните минути, со пет поени во низа носејќи рано водство од 7-0. Првата двоцифрена предност аеродромци ја имаа веќе во 4. минута кога Дамјан Стојановски погоди тројка за 12-2, по што „сино-белите“ беа во целосна контрола, добивајќи ја првата четвртина со 26-12. МЗТ продолжи со импресивното издание и во вториот период, во 15. минута веќе имаше 19 поени предност (40-21), а на одмор замина со преубедливи „плус 25“ (52-27), по поените на Копривица и на Едвин во последната минута од втората четвртина.

Победата беше осигурана, па „металците“ го намалија интензитетот во одбраната, по што кумановци во третиот период постигнаа 20 поени (20-20). Последните 10 минути беа само рутина во која актуелниот првак лесно го исконтролира убедливото водство, на крајот триумфирајќи со конечните 81-64.

Дамјан Стојановски ги предводеше стрелците на победничкиот тим со 18 поени, 14 поени постигна Крстевски, а 12 плејмејкерот Марин Петков. Најефикасни кај тимот предводен од Марин Докузовски во вечерашниот пораз беа Петровиќ со 15 и Луковиќ со 12 поени.

Се вчитува...