МЗТ Скопје преку Феникс 2010 до победа број девет

МЗТ Скопје ги оправда очекувањата и во последниот натпревар од 10. коло во Првата кошаркарска лига славеше со убедливи 83-68 против Феникс 2010. Аеродромци стигнаа до двоцифрена предност при крајот на првата четвртина, одолеаја на налетот на противникот во вторите десет минути, ја задржаа контролата до крајот и стигнаа до победата број девет.

Двата тима беа расположени во реализацијата на самото отварање на средбата, а прв иницијативата ја превзема МЗТ Скопје кој благодарение на Јигитоглу поведе со 14-8. За гостите одговорија Трајковски и Хот кои ја вратија негативата од еден напад (14-12), но завршницата на првата четвртина беше во знакот на репрезентативците во „сино-бело“ кои со серија од 11-2 стигнаа до првата двоцфирена предност (24-14). Аеродромци продолжија да го контролираат мечот и во текот на втората четвртина во која Феникс 2010 повторно имаше свои минути и серија од 9-0 со која се приближи до 27-23, но не успеа да дојде до егал. МЗТ Скопје од минута во минута ја зголемуваше предноста, а во завршницата на првото полувреме овој пат одговорија странските засилувања. Јигитоглу и Миќовиќ комбинираа 12 поени за позитива од 14 поени (49-35).

Отварањето на второто полувреме беше во знакот на одбраните, но гостите немаа одговор за Самет Јигитоглу кој умешно ја користеше својата предност во рекетот и беше на врвот на задачата. Поентираше и носеше поени од втора шанса во нападот, асистираше и блокираше па „сино-белите“ во еден моменти имаа предност и од 67-42, но овој пат завршницата на третата четвртина им припадна на гостите кои со серија од 8-0 стигнаа на негатива од 67-50. Последните десет минути беа само формалност во кои Феникс 2010 успеа да намали на 77-62, но искусниот домашен состав не дозволи изненадување.

Со далб-дабл од 17 поени и 11 скока лидер на МЗТ Скопје беше Јигитоглу, додека него го следеше Миќовиќ со 13 поени и 6 скока. 15 поени и 2 украдени топки за Феникс 2010 постигна Трајковски, додека по 13 поени постигнаа Хот и Такер на кои Македонецот додаде и 9 скока.

Се вчитува...