МЗТ Скопје во Љубљана издржа само едно полувреме

МЗТ Скопје го забележа четвртиот пораз во АБА лигата откако на гостувањето во Љубљана против Олимпија загуби со 93-73. Аеродромци беа достоен противник во поголемиот дел од првото полувреме, 18. минути играа егал натпревар, но немаа сили да лимитирање на расположениот противник во вторите 20. минути.

МЗТ Скопје успеа да го запре нападот на Олимпија во воведните три минута за 0-5, но како што одминуваа минутите словенскиот состав фати ритам. Олимпија решението го најде во рекетот преку центарот Омиќ, добро реализираше и во транзиција за превземање на предноста (12-9), но тајм-аутот на Петровиќ го стабилизираше македонскиот шампион. МЗТ го затвори рекетот, го исконтролира скокот, а Миќовиќ и Кафи погодија во обидите за три поени па аеродромци ја вратија предност (18-19) по првата четвртина. Добрата одбрана на словенскиот состав го спречи течниот напад на „сино-белите“, а тоа и ја врати предноста на домаќините, меѓутоа како што одминуваа минутите аеродромци успеаја да ја зацврстат одбраната, а продолжија и со добрата реализација зад линијата 6,75 за 37-36. Сепак завршницата на првото полувреме беше во знакот на Олимпија и Омиќ, а тритте слободни фрлања на Ферел ја донесоа и највисоката предност од 44-36.

Олимпија продолжи онаму каде што застана и на почетокот на второто полувреме. Бековската линија на словенскиот состав успеваше да направи предност па од минута во минута фаворизираниот домашен тим ја зголемуваше предност. МЗТ Скопје потфрли и во реализацијата па во еден момент имаше и негатива од 20 поени, а подобрата игра во одбраната во завршницата на третата четвртина само минмално ја намали истата за 72-55. Последната четвртина беше само формалнсот во која Словенците продолжија во ист ритам и не дозволија „сино-белите“ да го ублажат поразот.

Миќовиќ со 25 поени и 7 скока беше лидер на МЗТ Скопје, 11 поени додаде Војдан Стојановски, а со 10 поени и 3 асистенции мечот го заврши Ајви. Омиќ беше лидер на Олимпија со 19 поени и 7 скока, а несудениот македонски репрезентативец Ферел мечот го заврши со 16 поени и 7 асистенции.

Се вчитува...