МЗТ со „стотка“ против ФМП се загреа за Купот на Македонија

МЗТ Скопје ја оправда фаворитската улога во последниот натпревар од 15. коло и без многу потешкотии славеше на гостувањето кај Академија ФМП со 86-102 со што во победнички ритам ќе го пречека престојниот Куп на Македонија. „Академиците“ успеаја да му парираат на актуелниот шампион во првата четвртина, имаа и добри минути во воведот н второто полувреме, но немаа сили за 40. минутен натпревар против АБА-лигашот.

Одбраната беше во втор план на отварањето на средбата. Двата тима беа расположени во реализацијата па по првата четвртина проследена со атрактивна игра на двата дела од теренот, МЗТ Скопје беше оној кој имаше минимална предност од 25-26. Сепак текот на мечот се промени веќе во полувремето до кое аеродромци продолжија во претпознатливото темпо, а опадна реализацијата кај Академија ФМП. „Сино-белите“ одиграа далеку подобро во одбраната, ги користеа грешките на противникот во нападот па поведоа со 40-57.

Избраниците на Симиќ одново се заканија на отварањето на второто полувреме кога со серија од 9-0 стигнаа до едноцифрена негатива (49-58), но МЗТ Скопја ја зголеми агресивноста во одбраната, дозволи само седум поени до крајот на третата четвртина па пред одлучувачките десет минути имаше предност од 56-78. Последните десет минути беа само формалност во кои одмараа стартерите, шанса добија и најмладите, а аеродромци ја надминаа границата од сто постигнати поени.

Лидер на Академија ФМП со 15 поени и 4 асистенции беше Василевски, Мариновиќ додаде 11 поени, а со по десет мечот го завршија Настовски и Смит. МЗТ Скопје го предводеше Пандев со 19 поени, 18 поени и 3 украдени топки реализираше Робев, а 16 поени и 6 асистенции Кук.

Се вчитува...