На идеја на Ципрас, цел Балкан сака заедничка организација на СП 2030 – Македонија НЕ!?

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска за српските медиуми лиферуваше информација дека четири балкански земји, Србија, Романија, Грција и Бугарија се подготвени за заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во фудбал во 2030 година!

Во целокупната оваа идеја интересно не се спомнува Македонија, иако факт е дека со националната арена „Филип Втори“ рамноправно може да конкурира за организација на пооделни натпревари од највисок ранг. Сето тоа беше покажано со организацијата на УЕФА Суперкупот 2017.

Но, факт е и дека сето ова изгледа се уште неверојатно ако се знае дека Србија и Бугарија во моментов воопшто не поседуваат стадион кој ги исполнува најстрогите барања на ФИФА и УЕФА. Што значи, доколку сакаат организација на таков настан од овој момент мора да стартуваат активност за изградба на стадионите.

Според Александар Вучиќ, оваа идеја прв ја соопштил премиерот на Грција, Алексис Ципрас.

„Може да ви потврдам дека Србија сака кандидатура за СП 2030 година. Ќе биде тоа можност и да ја унапредиме инфраструктурата. Не треба да спомнувам што би значело сето тоа за нашата земја во економска смисла. Идејата од грчкиот премиер Ципрас и ние ја поддржуваме“ – истакна српскиот претседател.

Следното Светско првенство ќе се одржи во Катар во 2022 година, а потоа следи Мундијалот во САД, Мексико и Канада во 2026 година.

Се вчитува...