На Ловрен му здодеа да биде „црна овца“ во Ливерпул

Дејан Ловрен е подготвен да ги смени клупските бои и летово да си замине од Ливерпул, откако на хрватскиот ас му дојде преку глава да биде „дежурен виновник“ за примените голови на актуелниот европски првак. Тој сериозно размислува за заминување од Премиер-лигата, а лидер во трката за неговите услуги е италијанскиот прволигаш Лацио.

Хрватот без конкуренција е најкритикуван фудбалер кога и да се појави на теренот, сезонава уште повеќе ја загуби минутажата откако стана четврта опција зад Ван Дајк, Гомез и Матип. Тој повторно беше жестоко критикуван по слабото издание при поразот од Ватфорд, прв и единствен неуспех на „црвените“ во Премиер-лигата. Во меѓувреме Гомез се врати и Ловрен се врати на клупата за резерви, а искусниот дефанзивец не крие дека очекува во иднина да има поголема минутажа, доколку тоа не е можно во Ливерпул, тогаш во друг клуб.

Лацио будно ја следи ситуацијата и планира да го доведе Ловрен за да добие на искуство во одбранбената линија. Ливерпул ќе бара 15 милиони евра, сума што римскиот клуб без проблем ќе може да си ја дозволи откако ќе обезбеди влез во Лигата на шампионите. Минатото лето Рома и Милан го бараа Ловрен, но испратија само понуди за позајмица што беа одбиени од англискиот клуб. Овојпат „лацијалите“ се чини дека се подготвени целосно да го откупат неговиот договор и да стават крај на престојот на Хрватот на „Енфилд“, што трае уште од 2014 година, кога Ливерпул плати 20 милиони фунти за да го доведе од Саутемптон.

Се вчитува...