Лука Модриќ повторно е разочаран и овојпат ќе повлече драстичен потег – поднесувајќи барање за трансфер за уште зимава да си замине од редовите на Реал Мадрид. Хрватскиот ветеран минатото лето одби пребогата понуда од Саудиска Арабија за да остане во Реал откако слушнал дека Анчелоти сериозно ќе смета на неговите услуги.
Ситуацијата сепак е сосема спротивна, од 32 средби на „кралевите“сезонава тој не беше стартер на 17. Во декември Лука одигра неколку меча во низа, но тоа беше пред се поради повредите на дел од помладите играчи кои дефинитивно се пред него во хиерархијата кај Анчелоти, па штом тие се вратија во тимот, Модриќ веднаш беше преселен на клупата.
Хрватот бил особено навреден што на последниот меч со Лас Палмас тренерот не го испрати ниту на загревање, јасно ставајќи до знаење дека нема намера да го внесе во игра. Анчелоти се бранеше дека премногу го почитува Модриќ за да го праќа на загревање и потоа да не го уфрла во игра, но ветеранот е навреден и веќе го контактирал својот агент. Преговорите со Ал Хилал повторно се стартувани и клубот од Саудиска Арабија е подготвен да издвои богатство за да го доведе Модриќ.
Хрватскиот репрезентативец ќе поднесе барање за трансфер за да го убрза процесот на заминување од Реал, а се очекува Флорентино Перез да не му стои на патот и да даде зелено светло за Модриќ да се пресели во Саудиска Арабија и таму да ја заврши својата блескава кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА