На потег е ФИБА: Македонија во „пет до дванаесет“ ќе добие билет за Евробаскет 2022?!

Кошаркарската репрезентација на Македонија би можела во последен момент да стигне до билет за Евробаскет 2022, доколку се реализираат најавите за суспензија на Русија од сите кошаркарски натпреварувања. ЕХФ прв повлече нога дисквалификувајќи ја Русија од квалификациите за СП 2023, а денеска на идентичен чекор се реши и УЕФА, откако европската куќа на фудбалот ги суспендираше сите руски клубови и репрезентации од своите натпреварувања. Притисокот врз ФИБА е се поголем, а откако УЕФА реши да ги продолжи суспензиите врз Русите, речиси сигурно е дека истото ќе се случи со европската кошаркарска федерација.

Во случајот на женски фудбал, Русија нема да се натпреварува на претстојниот европски шампионат за кој се пласираше, а билетот на „зборнаја“ ќе заврши во рацете на Португалките, кои беа елиминирани од Русија во квалификациите за ова првенство. Токму тоа е „картата“ на која игра кошаркарска Македонија, со оглед на фактот дека нашата национална селекција беше единствената од групата што не обезбеди пласман на Евробаскет 2022 (покрај Русија, Италија и Естонија).

Одлуката се очекува во најскоро време, најдоцна до крајот на овој месец, а доколку Русите бидат исфрлени, огромни се шансите Македонија да го заземе нивното место на европскиот шампионат. „Зборнаја“ на ждрепката беше извлечена во групата А, па доколку Македонија го заземе нејзиното место, нашите кошаркари би играле во Тбилиси против селекциите на Грузија, Шпанија, Турција, Белгија и Бугарија.

Евробаскет 2022 ќе се одржи од 1 до 19 септември во четири земји – домаќини, и тоа Грузија, Чешка, Италија и Германија. Ако се реализираат најавите за дисквалификација на Русија и повик на македонската репрезентација, „црвено-жолтите“ во премиерниот меч на 1 септември во премиерниот меч од ова натпреварување ќе се сретнат со Турција.

Се вчитува...