На Работнички му беа доволни само пет минути за победа против Струмица

Работнички ја забележа десеттата победа во Првата кошаркарска лига откако на отварањето на 18. коло славеше на домашен терен против Струмица со 99-66. За победа на „црвено-белите“ им беа потребни само пет минути по кои имаа предност од 21 поен.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на Работнички кој издоминира во рекетот па од минута во минута ја зголемуваше предност. Избраниците на Мираковски беа и на врв на задачата во одбраната, струмичани беа приморени на тешки обиди па веќе во петата минута од мечот на семафорот стоеше предност од 23-2. Високата успешност во нападот на скопскиот тим продолжи и до крајот на полувремето до кое нашиот најтрофеен тим реализираше 12 обиди за два и 12 обиди за три поени па по 20. минути игра имаше предност од 64-26.

Во второто полувреме опадна ритам на домаќините, но не се прославија ниту гостите. По третата четвртина минимално се зголеми и предноста на Работнички за +40 (83-43), а последните десет минути беа само формалност.

Со 21 поен лидер на Работнички беше Џелатовиќ, а него го следеа Бакоч и Умпиг со по 12 поени. Димитриев со 14 поени беше најрасположен кај Струмица, Сучов додаде 13.

Се вчитува...