Надал брутално искрен: Мечот против Ѓоковиќ може да биде последен за мене на Ролан Гарос!

Арената „Филип Шатрие“ ќе биде домаќин на 59-та мега тениска пресметка меѓу Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, која поради хроничните проблеми на Шпанецот, може да биде и последна на Ролан Гарос меѓу двајцата тениски великани.

Ова го најави самиот Рафа по тешката и исцрпувачка битка во осминафиналето на Френч Опен, во кое мораше да се враќа од сет негатива и да игра пет сета против расположениот Феликс Оже Алијасим.

Надал успеа да „преживее“ и да победи со 3-2 во сетови во меч кој траеше 4 часа и 21 минута, па со доста маки закажа четвртфинална пресметка со својот голем и вечен ривал.

Новак во четвртфиналната пресметка влегува со предност од 30-28 во меѓусебните дуели, а Надал навести дека ќе го даде максимумот на мечот кој може да биде и последен за него против Ноле на париската земја.

„Ова беше напорна битка, се надевам дека ќе бидам доволно добар за да тренирам во понеделник. Цела година немам играно против Ѓоковиќ и тоа е огромен предизвик. Тој победи на своите последни девет меча, дојде како шампион од Рим и има голема самодоверба. Искрено, ја прифаќам мојата физичка ситуација. Ми преостанува само да се борам, не можам да се жалам бидејќи дојдов до четвртфиналето. Секој меч може да биде мој последен на Ролан Гарос. Мечот со Ѓоковиќ може да биде последен за мене на Ролан Гарос, минав тежок процес со стапалото и не знам како ќе се развива мојата кариера и уште колку ќе можам да играм и уживам. Ќе го живеам сонот се додека можам и ќе го дадам најдоброто од себе. Овојпат тој влегува како фаворит, по вторпат на Ролан Гарос по 2015-та година. Останатите пати јас бев благ фаворит или беше 50-50“, изјави Надал.

Се вчитува...