Надал ги откажа и Мајами и Индијан Велс

Повредата што Рафаел Надал ја заработи пред почетокот на својот настап на турнирот во Акапулко очигледно е од посериозна природа. Затоа, шпанскиот тенисер вечерва обелодени дека е принуден повторно да паузира од тениските турнири, откажувајќи го својот настап на претстојните Мастерси во Индијан Велс и во Мајами.

„Поздрав до сите. За жал, повредата во Акапулко е на истото место како и онаа во Мелбурн. За жал, нема да можам да играм во Мајами и во Индијан Велс бидејќи ќе ми биде потребно подолго време за рехабилитација. Ќе ми недостигате и се надевам дека ќе играм на овие турнири во 2019“ – напиша Надал на своите профили на социјалните мрежи.

Рафаел Надал на овие турнири ќе остане без 690 АТП бодови, 90 од осминафиналето во Индијан Велс и 600 од финалето во Мајами. Тој сепак има шанса и без настап да се врати на првото место ако се знае дека Роџер Федерер ќе брани 2.000 бода на овие турнири, откако Швајцарецот лани триумфираше и на двата Мастерси во март во САД.

Се вчитува...