Награда за „бисерот“ на Барса: Педри е „златно момче“ за 2021 година

Новиот „бисер“ на Барселона, Педри Гонзалез, е избран за „златно момче“ на светскиот фудбал откако шпанскиот репрезентативец го доби признанието „Златно момче“ што италијанскиот весник „Тутоспорт“ традиционално го доделува на најдобриот млад фудбалер.

Во конкуренција за овогодинешната награда беа и Адејеми (Салцбург), Белингем (Борусија Дортмунд), Камавинга (Реал Мадрид), Гринвуд (Манчестер Јунајтед), Мусиала (Баерн Минхен)… но Педри освои најмногу гласови. Во стручното жири учествуваа фудбалски легенди како Шевченко, Стоичков, Недвед, Верон, Руи Коста, Матеус, Бутрагењо… давајќи му најмногу гласови на Педри, дури 318. Второто место во гласањето го освои Белингем, младиот ас на Борусија Дортмунд и на англиската репрезентација кој доби 119 гласа.

Педри имаше одлични настапи за Барселона, што беше препорака да биде вклучен во составот на Шпанија на ЕВРО 2020. Младиот плејмејкер доби шанса и беше беспрекорен во дресот на „црвената фурија“ на европскиот шампионат, за што беше избран за најдобар млад играч на ЕВРО 2020, воедно и во идеалниот тим на европското првенство.

Потоа тој настапи и за олимписката репрезентација на Шпанија на ОИ во Токио, каде „црвената фурија“ го освои второто место.

Се вчитува...