Наинголан повреден за фудбал, здрав за во диско

Фудбалскиот талент на Раџа Наинголан никогаш не бил доведуван во прашање, но незгодниот темперамент и неговиот непрофесионализам се главните причини поради кои Белгиецот никогаш не достигна највисоко ниво, па дури и беше избришан од репрезентацијата за СП 2018. Лучијано Спалети веруваше дека ќе успее да го извлече најдоброто од Наинголан во Интер, но овој фудбалер веднаш направи проблеми, откако поради повреда не тренираше во изминатиот период, но тоа не му пречеше да се појавува по дискотеките во Милано и околината.

Таблоидите на Апенинскиот полуостров објавија фотографии од Наинголан во ВИП-зоната од дискотеката The Mad House”, во друштво на познатиот италијански фотограф Фабрицио Корона. Воедно, се појави и видео од Белгиецот и неговиот конфликт со еден навивач, кој му порачува „да оди дома и да спие, зошто го чека натпревар“, за Наинголан да му возврати со среден прст.

Во ситуација кога Интер ја почна сезоната очајно, со пораз од Сасуоло, навивачите се бесни што најскапото летно засилување не покажува професионализам, но кога станува збор за Наинголан, само прашање на време беше кога ќе го привлече вниманието врз себе со нефудбалски теми.

Се вчитува...