Нај, нај на СП 2026: Роналдо е „крал на офсајдите“, рекорд на Кејн…

Во рубриката „Нај, нај на СП 2026“ ви ги пренесуваме најинтересните статистички податоци од натпреварите одиграни претходниот мундијалски ден…

Хари Кејн стана најдобар стрелец на Англија на светските првенства со 11 погодоци, минувајќи го Гари Линекер со 10.

Кејн има четири гола против Панама на СП, најмногу што еден англиски фудбалер има дадено против еден противник во историјата на мундијалите.

Џордан Хендерсон стана првиот фудбалер што настапил на седум големи натпреварувања (светски и европски првенства) за репрезентацијата на Англија.

Петар Сучиќ стана втор најмлад стрелец (22 години и 245 дена) за Хрватска на мундијалите, зад Јошко Гвардиол, кој стрелаше прецизно на СП 2022 против Мароко на возраст од 20 години и 328 дена.

Лука Модриќ е највозрасниот играч што остварил асистенција на мундијалски натпревар (40 години, 291 ден).

Португалија имаше вкупно 37 удари кон противничкиот гол на дуелот со Колумбија, израмнувајќи го рекордот на Еквадор против Курасао за меч што завршил без голови.

Португалија во пресрет на овој дуел имаше 60% посед на топката на последните 12 натпревари. Колумбија тотално ги исфрли од ритам Португалците, задржувајќи ги на само 45% посед, што е нивна намала бројка од финалето на Лигата на Нации против Шпанија.

Роналдо се израмни со Лотар Матеус на второто место на листата на играчи со најмногу настапи на СП (по 25). на врвот се наоѓа Лео Меси со 29.

Роналдо никогаш не постигнал гол против ривал од Јужна Америка на СП, серија што продолжи и на дуелот со Колумбија.

Кристијано Роналдо се најде во офсајд ситуации дури 11 пати на овој мундијал. Зад него на оваа листа се Килијан Мбапе и Луис Дијаз со по 7 офсајди.

Конго стана единаесетта различна африканска земја што стигнала до нокаут фаза од едно СП, петта на која тоа и успеало токму на овој мундијал (заедно со Египет, Јужна Африка, Зеленортските острови и Брегот на слоновата коска).

Лео Меси е прв во историјата на светскиот фудбал со погодоци на седум меча во низа на светските шампионати.

Јордан постигна голови на трите меча на своето деби на светските првенства (тоа досега успеало само на Брегот на Слоновата Коска на СП 2006).

Аргентина е четврта репрезентација на мундијалите што постигнала два гола од слободен удар на еден меч од СП (Јапонија против Данска во 2010, Југославија против Конго во 1974 и Бразил против Бугарија во 1966).

Австрија за првпат ја мина групната фаза на СП по пауза од 44 години. Тој мундијал во 1982 се играше во Шпанија, а токму Шпанија ќе биде следен ривал на Австријците на СП 2026.

Саша Калајџиќ даде гол 61 секунда по влегувањето во игра, трет најбрз гол постигнат од замена на овој мундијал.

Марко Арнаутовиќ стана првиот ветеран со најмалку 37 години што постигнал гол и добил жолт картон на ист натпревар на СП.

Се вчитува...