Најголемата победа и најболниот пораз на „Ел Команданте“ со Македонија

Денешното официјално заминување на Раул Гонзалес од клупата на Македонија означи крај на уште една ера во нашиот национален тим, со стратегот што со Вардар стигна до европска круна, а со „црвено-жолтите“ имаше одличен старт што за жал не беше крунисан и со некој посериозен пласман на големите натпреварувања.

Зад „Ел Команданте“ останува скор од девет победи, две нерешени средби и десет порази, откако Шпанецот дебитираше на клупата на Македонија на дуелот со Исланд во квалификациите за ЕП 2018.

Најслатка победа – над Вујо во Загреб

Извонреден беше стартот на Македонија на ЕП 2018 во Загреб, откако во првото коло беше совладана селекцијата на Словенија со минимални 25-24. Тактичкото надмудрување со Веселин Вујовиќ му припадна на Раул, кој беспрекорно диригираше со играта на „црвено-жолтите“ и стигна до огромна победа над еден од конкурентите за медал на шампионатот. Манасков постигна осум, а Кире Лазаров седум погодоци, а Митревски беше одличен на голот со десет интервенции. Потоа во Загреб следеа победа над Црна Гора и реми со Германија, но сите шанси за висок пласман исчезнаа во првиот меч во Вараждин, кога Кире Лазаров заработи повреда на мускулот на самиот почеток од дуелот со Шпанија.

Грција е лузна што не се брише

Од десетте порази на Гонзалес како предводник на нашиот национален тим, најболен дефинитивно е оној во Кожани од селекцијата на Грција. Во дуелот со ривал од кого сме многу посилни моравме да одиграме многу повеќе, недостигаше агресивност на теренот, но и иновативност од клупата наместо немоќно ширење на рацете.

Лузната од Кожани ќе остане уште долго по заминувањето на Гонзалес, во вториот натпревар на кој ја водеше Македонија откако се пресели на клупата на ПСЖ.

Се вчитува...