Поранешниот сенегалски фудбалер Али Диа важи веројатно за најголемиот измамник во историјата на светскиот фудбал. Ретко кој може да се пофали дека сам на себе си договорил ангажман во англиската Премиерлига, а тоа нему му појде од рака во 1996 година кога потпиша за Саутемптон.
По 24 години Сенегалецот е прогласен за најлош фудбалер во историјата на англискиот фудбал. На неговото доаѓање во клубот се осврнува тогашниот менаџер, Грем Соунес.
„Одлична и смешна приказна. Не е баш така како што читавте или сте слушнале. Некој од клубот доби повик дека роднина на Жорж Веа сака да дојде на проба. Во тој период имавме многу играчи на проба. И се појави тоа момче. Немавме доволно играчи во тимот, но се гледа по само пет минути кој може да игра а кој не. Тој беше бескорисен, но немавме доволен број фудбалери. Го зедовме затоа што имавме и голем број повредени фудбалери. На мечот против Лидс по само 20 минути ни се повреди и единствениот здрав напаѓач Мет Ли Тисие, а на клупа го имавме само Али Диа“ – се потсетува Соунес.
На неговата приказна се надоврзува и поранешниот напаѓач на Саутемптон, Мет Ле Тисие.
„Искрено, мислев дека е некој од некое забавно шоу кој добил награда да тренира со нас. Тој беше за потсмев, а ете се случи против Лидс да се повредам и да ме замени веројатно најлошиот играч во историјата на Премиерлигата“ – вели Ле Тисие.
А, по тој меч, по само 14 дена Диа доби отказ и потоа играше во нисколигашки клубови. Сега има наследник на теренот, неговиот син Симон кој игра во шампионатот во Тајланд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА