Кире Лазаров и Нант ја продолжуваат својата европска авантура откако во драматичниот реванш од осминафиналето во ЛШ славеа над Рајн-Некар Левен со 30-27. Со овој резултат францускиот тим ја надополни негативата од два гола од првиот натпревар и си обезбеди место меѓу осумте најдобри екипи, но за место на Ф4 ќе треба да приредат сензација против Барселона.
Мечот почна одлично за гостите од Германија, кои во раната фаза поведоа со 3-7, максимално користејќи ги грешките на домашниот тим. Лазаров постигна два од првите четири гола за Нант додека негативата изнесуваш 4-8, но набрзо потоа домашниот состав го пронајде посакуваниот ритам. На полувреме се замина со израмнети 14-14, а потоа Нант одига беспрекорно во нападот во вториот дел. Гостинските голмани немаа одбрана во првите 20 минути од второто полувреме, а откако домаќините поведоа со 24-20, германскиот тим почна да играа „седум на шест“ во нападот.
Ваквата тактика вроди со плод, во неколку наврати предноста се стопи на само еден гол, но нападот на Нант функционираше одлично кога беше најважно. Грецки и Липовина промашија клучни шутеви за гостите, на спротивната страна последниот напад за Нант го реализираше Лагард, за победа од 30-27.
Лазаров го заврши мечот со двата гола од почетокот, но мора да се истакне дека македонскиот капитен целото второ полувреме го мина на клупата за резерви. Филип Талески влезе во игра во одбрана во последните десетина минути за Рајн-Некар Левен, но ниту тој не успеа да ги запре одличните напади на Нант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА