Наполи ги отпушти вработените, никако да се договори и со фудбалерите

Наполи повторно е проблематичен клуб во Италија, откако претседателот Аурелио де Лаурентис привремено ги прекина преговорите со фудбалерите за намалување на нивните примања за оваа натпреварувачка сезона. Воедно, првиот човек на „наполитанците“ испрати на принуден одмор 30 вработени лица во администрацијата на клубот, кои најмалку два месеци нема да земаат плата и да извршуваат било какви работни обврски.

Италијанските клубови на последниот состанок постигнаа договор за „заедничко кратење на платите на фудбалерите“, за процентот да биде еднаков за сите тимови, но секој од нив одделно ќе треба да постигне договор со своите фудбалери. И додека Јувентус се договори со играчите уште пред изгласувањето на оваа мерка, „наполитанците“ се соочуваат со поголем проблем поради затегнатите односи меѓу управата и играчите уште од самиот старт на сезоната.

Воедно, Де Лаурентис ја немаше исплатено ниту февруарската плата, со што предизвика дополнителна тензија кај фудбалерите, меѓу кои се наоѓа и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

За очекување е преговорите да продолжат пред крајот на оваа седмица, но тешко е да се предвиди кога би можел да биде најден заеднички јазик меѓу двете страни кои со месеци наназад се во сериозен конфликт.

Се вчитува...