Наполи нокаутиран од Фиорентина, скудетото се подалеку за Елмас и другарите

Наполи сериозно си ги намали шансите во трката за скудетото откако тимот на нашиот Елиф Елмас денеска претрпе нов пораз на домашен терен, овојпат од Фиорентина со 2-3. Ова беше вкупно петти пораз среде Неапол за избраниците на Лучијано Спалети, кои немаа одговор за дисциплинираниот гостин од Фиренца.

Можеби мечот ќе добиеше поинаков тек доколку Наполи реализираше некоја од полушансите што ги создаде при резултат 0-0, пред Гонзалез да го доведе гостинот во водство во 30. минута. Спалети беше принуден да тргне во целосна офанзива, во вториот дел во игра ги внесе Лозано и Мертенс, а токму белгискиот интернационалец стрелаше прецизно и донесе израмнување. Домашните навивачи очекуваа целосен пресврт, но наместо тоа Фиорентина беше тимот што постигна уште два погодоци, преку Иконе и Кабрал, за шок на „наполитанците“.

Елмас влезе во игра дури во 80. минута на местото на Лоренцо Инсиње, но македонскиот репрезентативец не успеа да му помогне на својот тим да избегне пораз на овој исклучително важен натпревар откако домаќините постигнаа само почесен погодок во финишот преку Осимен.

Значајни бодови денеска загуби и Аталанта, со поразот од 2-1 на гостувањето против Сасуоло. Траоре беше човекот на одлука со два гола за Сасуоло, а гостите од Бергамо (Муриел го постигна почесниот погодок во 93. минута) по денешниот пораз заостануваат дури седум бода зад Јувентус во трката за четвртото место на табелата.

Удинезе славеше на гостински терен против Венеција со 1-2 со голот на Бекао во 94. минута, дуел на кој Илија Несторовски не влезе во игра за „фриујлијаните“.

Се вчитува...