Натпревар на колото во „Кале“: Работнички по рехабилитација, Пелистер за приближување кон врвот

Прволигашката кошарка во Македонија продолжува денеска од 17 часот во СРЦ „Кале“ каде Работнички ќе го пречека Пелистер во последниот натпревар на 13. коло кој е воедно и натпревар на колото. На него „црвено-белите“ ќе бараат рехабилитација по поразот од Феникс 2010, а „зелено-белите“ влез во победничка низа и триумф кој ќе ги доближи на само победа зад МЗТ Скопје.

Нашиот најтрофеен тим овој натпревар го пречекува далеку поодморен од битолчани кои влегуваат во средбата по „балонот“ во АБА2 лигата каде беа забележани две победи и еден пораз. Токму заморот на противникот Андреј Шошкиќ го гледа како шанса за победа против топ три тимот во првенството, а Oливер Двојаковски заморот не го гледа како причина да не се даде максимум на теренот.

Во фокусот на денешната средба ќе бидат бековите Пол Џексон и Андреј Шошкиќ на едната и Донтај Карутерс, односно Димитар Караџовски на другата страна. Предноста која ќе ја прават овие играчи на теренот и начинот на одбрана која ќе ја применуваат тренерите во играта „два на два“ ќе биде клучна за исходот на мечот.

Првиот натпревар помеѓу овие екипи заврши со победа на Пелистер во Битола, но од тој натпревар скопскиот состав претрпе големи промени во ростерот па така паркетот денеска во „црвено-бело“ ќе биде Никола Малешевиќ кој претходната сезона ги предводеше „зелено-белите“.

Се вчитува...