Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со веќе обезбедено прво место на табелата пред плејофот влегуваат во последното 10. коло од Суперлигата, во кое вечерва од 19 часот му гостуваат на секогаш незгодниот тим на Куманово.
Без разлика што оваа средба нема поголемо резултатско значење за нив, сино-белите најавуваат борбеност и решеност да се дојде до победата против противникот со кого најверојатно ќе се сретнеме и во полуфиналето од доигрувањето во серија која се игра до три победи. Тренерот Анте Назор не верува во калкулации туку само во максимално сериозен пристап и ангажман со кој би се стигнало до деветтата победа сезонава, која, пак, би значела и потврда на доминацијата во досегашниот дел од шампионатот.
„За нас најважно е што со неодамнешната победа над Карпош Соколи го обезбедивме првото место кое, пак, ни носи предност на домашен терен во полуфиналето и финалето од плејофот. Мислам дека тоа е сосема заслужено бидејќи покажавме најмногу во Суперлигата и бидејќи покажавме квалитет и карактер кога за тоа беше најпотребно – дуелот со ривалот од АБА-лигата кој директно одлучуваше за пол-позицијата. За сето ова им честитам на моите играчи, но и на старите навивачи кои редовно доаѓаат да не поддржуваат и чија помош е исклучително драгоцена на патот кон шампионската титула. Сега пред нас е гостување кај тимот на Куманово, кој покажа најмногу од екипите кои се борат за четвртата позиција на табелата и кој некако најмногу не намачи во првиот меч сезонава на домашен терен. Тоа воедно е показател дека треба максимално да се подготвиме за вечерашната пресметка, но и за жешката атмосфера на која ќе мора да се прилагодиме со оглед што речиси сигурно истиот ривал ќе не чека во полуфиналето од плејофот. Досегашниот дел од Суперлигата ни покажа дека во секој меч мора да влеземе максимално сериозни и борбени, а дуелот со кумановци ќе биде своевиден тест за нашата цврстина и решителност, без која не се остваруваат големи резултати“ – вели Назор пред гостувањето во Куманово.
Проблеми со повреди има и пред вечерашниот дуел, со оглед што мечот сигурно ќе го пропуштат Љубомир Младеновски поради повреда на задната ложа и Стефан Синовец, кој ќе биде прекубројниот странец со цел да ја доврши рехабилитацијата по долгата пауза поради серија повреди. Најверојатно стручниот штаб нема да може да смета на услугите и на Марко Симоновски, кој поради проблеми со скочниот зглоб веќе го пропушти дуелот со Карпош Соколи.
Судии на натпреварот се Игор Митровски, Алија Феревски и Владо Цветановски, а делегат е Ѓорѓи Пиперков. Засега не е најавен телевизиски или интернет пренос од овој дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА