НБА-рекордите што беа урнати на првиот финален меч: Хорфорд, Кари, Тејтум…

Бостон Селтикс во фантастичен дуел со пресврт во последната четвртина славеше на гостувањето против Голден Стејт и поведе со 1-0 во големото финале од НБА-лигата. Ова беше прв домашен пораз на Голден Стејт во плејофот сезонава, со што Бостон докажа дека игра извонредно на гостински терен (осми триумф на селтикс на последните десет меча надвор од својата арена).

Традицијата вели дека екипите кои го добиле првиот меч во финалната серија, на крајот се закитиле со титулата на 70,7% од финалните пресметки. Сепак, кога станува збор за прв триумф на гостинскиот тим на премиерниот меч, тогаш процентот за освојување на титулата е значително понизок (47,1%).

За сите кошаркари на Бостон селтикс ова беше прв финален меч во нивните кариери, со што тие урнаа неколку рекорди на НБА-лигата…

Ал Хорфорд, кој досега беше рекордер со 141 одигран меч во плејофот без пласман во финале, беше одличен и постигна шест тројки, најмногу во историјата на финалните средби од еден дебитант. Воедно, 36-годишниот Хорфорд се израмни со Крис Пол како највозрасен дебитант што постигнал најмалку 25 поени на својот прв финален меч во кариерата.

Џејсон Тејтум имаше катастрофален шутерски учинок (3/17), но затоа подели дури 13 асистенции, што е рекорд за еден дебитант на финалните натпревари.

Во „листата на рекорди“ се запиша и Стеф Кари, кој стана прв кошаркар што постигнал шест тројки во една четвртина од финален меч во НБА-лигата. Тој погоди шест тројки во првата четвртина, постигнувајќи рекорден 21 поен за 12 минути игра од еден финален натпревар.

Колективно, Бостон го израмни рекордот за најголема разлика во една четвртина од НБА-финалето, откако селтикс со „плус 24“ во последните 12 минути (16-40) направи голем пресврт и стигна до победата. Бостон погоди 21 тројка, што е втор најдобар скор во историјата, зад Кливленд во 2017 година и реализираните 24 тројки на дуелот исто така против Голден Стејт.

Се вчитува...