Не е малку да си трет на свет…Белгија и Англија во битка за бронзата на СП

Светското фудбалско првенство влегува во својата завршница, останаа уште најважните пресметки. Поразените во полуфиналето, Англија и Белгија, денеска (16 часот) во Санкт Петербург, ќе играат за третата позиција и освојување на бронзата на Мундијалот. Тоа е можеби најнепосакуваниот меч, од аспект дека сите сакаат да бидат во финалето, но од друга страна секако дека мотиви ќе имаат многу, и Англичаните и Белгијците, да го завршат настапот на СП со успех.

Белгијците беа многу разочарани по поразот од Франција во полуфиналето, а селекторот Роберто Мартинез истакна дека мисијата е неуспешна, затоа што сакале да го освојат трофејот. Но, секако ќе се потрудат да стигнат и до третото место.

„Сакаме да победиме. Кога ќе го завршиш натпреварувањето со победа, го пренесуваш понатаму чувството што си го имал по последниот одигран натпревар. Во Русија сме повеќе од еден месец, ова е незаборавно искуство, и сакаме да го завршиме на најдобар можен начин. Сите наши навивачи заслужуваат победничко чувство на крајот од Мундијалот. Ќе го дадеме максимумот на овој натпревар, а знам дека и Англија ќе сака да победи“, изјави Роберто Мартинез.

Предводникот на Англија, Герет Саутгејт, најави неколку замени во составот. Англичаните исто така се емотивно испразнети, па треба да го пронајде составот што ќе може да пружи најмногу на дуелот за третото место.

„Морам да видам кој може да одигра најдобро. Нема да игра истиот состав како против Хрватска, но сакам да направам што е можно помалку замени. Овие последни денови беа емоционално многу тешки, но играчите се фантастични. Задоволство е да се работи со нив, имаат и сила и желба да победат на денешниот дуел против Белгија. Мотивирани сме, и ќе дадеме се од себе за да оствариме успех“, вели Герет Саутгејт.

Белгија и Англија се сретнаа и во групната фаза од Светското првенство, во меч кој решаваше за првото место во групата, а победија Белгијците со 1-0.

 

Се вчитува...