Не е се во парите: Дебитираа најскапите засилувања, но Челси не успеа да го победи Фулам

Американскиот газда на Челси, Тод Боели очигледно допрва ќе ја учи и повторува лекцијата дека во фудбалот не може се да се купи со пари, откако и покрај вложеното богатство во зимскиот преоден рок неговиот тим одигра само 0-0 на домашен терен против Фулам. „Сините“ уште еднаш покажаа немоќ во креирањето на шанси, а не им помогна ниту присуството на најскапите зимски засилувања, Енцо Фернандез беше стартер исто како и Мудрик, кој по катастрофалното прво полувреме беше заменет на паузата, а шанса добија и Бадијашил и Мадуеке.

Челси имаше повеќе од поседот над топката, но тимот на Грем Потер се мачеше да создаде стопроцентна шанса за гол во противничкиот шеснаесетник. Каи Хаверц ја имаше најубавата можност во првиот дел, кога неговиот обид по долгото додавање на Зијеш заврши само во дирекот.

Челси тргна уште поофанзивно во продолжението, Потер направи неколку измени во тимот, но тоа не вроди со плод. Најубавата шанса ја пропушти Мадуеке, кој успеа да го мине и голманот на Фулам, но ударот кон мрежата беше запрен пред самата гол-линија од еден гостински дефанзивец.

Тимот од „Стемфорд бриџ“ со ова реми остана на деветтото место на табелата, со два бода заостанување (и меч помалку) во однос на шестопласираниот Фулам.

Се вчитува...