Не е се во парите – Работник има најмал буџет во ЕХФ Купот

Екипата на Работник со интензивни тренинзи се подготвува за големиот предизвик што го очекува битолскиот клуб во вториот дел од сезоната. „Фармацевтите“ во првиот круг од домашното првенство делуваа импресивно, но во следните месеци пред нив се многу посериозни ривали на европската сцена, откако Работник се пласираше во групната фаза од ЕХФ каде силите ќе ги одмери Хановер, Нексе и Татабања.

Успехот во третата квалификациска рунда против Берн го однесе македонскиот клуб во групите од второто по ранг европско натпреварување, а тренерот Ѓорѓе Чирковиќ очекува добри игри од своите избраници во периодот што следи.

„Го имаме најмалиот буџет меѓу нашите ривали, но верувам дека ќе оставиме добар впечаток. Нема да одиме со бело знаме на ниту еден натпревар. Треба да си поставиме повисоки цели, кога невозможното ќе ви стане обврска – тоа придонесува да дојде до прогрес. Силни лиги, поголеми буџети, подобри екипи, поголемо искуство во европските натпреварувања… сите фактори се на страната на нашите противници, но ние нема да се предадеме“ – изјави Чирковиќ.

Битолскиот клуб во првото коло од ЕХФ Купот на 9 февруари ќе му гостува на бундеслигашот Хановер.

Се вчитува...