Не Хари Кејн, туку Роберт Левандовски: Реал на лето купува врвен напаѓач

Европскиот клупски првак Реал Мадрид има очајна сезона во Шпанија, ја загуби трката за двете титули, и во првенството и во Купот, а единствена шанса за „кралевите“ да стигнат до трофеј е Лигата на шампионите, каде во осминафиналето ќе имаат силен ривал во тимот на Пари Сен Жермен. Но, претседателот Флорентино Перез не губи време и веќе размислува за засилувањата што треба да пристигнат во летниот преоден рок.

Како најголем приоритет на Реал Мадрид се наведува нов напаѓач, а медиумите на Островот шпекулираат дека на „Сантијаго Бернабеу“ ќе пристигне Хари Кејн. Но, шпанскиот весник „Марка“, кој важи за добро информиран кога е „кралскиот клуб“ во прашање, на денешната насловна страница ја носи веста дека Роберт Левандовски од Баерн Минхен е најголемата желба на Реал Мадрид.

Досега раководството на мадридскиот гигант двапати се обидело да го купи полскиот интернационалец, но Баерн Минхен „одолевал на нападите“. Левандовски има договор до јуни 2021 година, и Флорентино Перез се надева дека на лето ќе може да го купи за разумна цена. Оваа сезона тој повторно игра во одлична форма и досега во Бундес-лигата постигна 18 гола, дополнувајќи и уште пет во другите конкуренции.

Се вчитува...