„НЕ“ од Вест Хем: Арсенал ќе мора да плати 100 милиони фунти ако го сака Деклан Рајс

Арсенал нема да им лесна задача да го договори мегатрансферот на Деклан Рајс, откако Вест Хем јасно стави до знаење дека нема намера да даде попуст во преговорите за својот најдобар фудбалер. „Чеканите“ од самиот старт ставија до знаење дека нема да го продадат својот капитен за помалку од 100 милиони фунти, па затоа не е изненадување што денеска ја одбија и втората понуда на Арсенал за Рајс.

Овој фудбалер се наоѓа на врвот на листата со желби на Микел Артета, „топчиите“ подолго време разговараат со Вест Хем, но засега не успеваат да постигнат целосен договор. Како што јавуваат британските медиуми, понудата испратена денеска изнесувала 75 милиони фунти, плус дополнителни клаузули со кои вкупната сума на трансферот би достигнала 90 милиони фунти. Одговорот од Вест Хем пристигнал експресно, „чеканите“ немаат намера да дадат зелено светло за трансфер под овие услови, па Арсенал ќе мора да обезбеди дополнителни средства ако сака да го доведе Рајс во своите редови.

Интерес за услугите на англискиот репрезентативец искажаа и Челси и Манчестер Јунајтед, но Рајс веќе ги договори личните услови со Арсенал и очекува кариерата да ја продолжи на „Емирати“, за што е потребен само договор со Вест Хем.

„Топчиите“ исто така се интересираат и за Ромео Лавиа од Саутемптон, кој би требало да биде достапен за помалку од 20 милиони фунти и ќе биде резервна опција за тимот.

Се вчитува...