Не постојат фаворити во Берлин – Крај и за Словенија на Евробаскетот

И Словенија го заврши настапот на Европското првенство, откако на неверојатен начин загуби од Полска со 87-90 во последниот четвртфинален натпревар на шампионатот во германски Берлин.

Аутсајдерот на неверојатен начин го почна мечот. Буквално погодуваа од секоја позиција, а во одбраната одлично го затворија Лука Дончиќ, па во еден момент од првиот дел имаа и плус 23 (33-54). Сепак, со неколку поени во финишот Словенија на пауза замина со негатива од 39-58.

Во второто полувреме како на терен да излегоа некои други екипи. Словенците конечно покажаа зошто се актуелни шампиони, додека Полјаците не можеа да погодат буквално од ниту една позиција. Со одлична игра Словенија успеа на две минути до крајот на третиот период да дојде на минус еден (60-61). Словенците на противникот му дозволија само шест поени, па пред влезот во последниот период Полска имаше предност од само еден поен (63-64).

Во првиот напад реализираше Горан Драгиќ и донесе прво водство за Словенија по подолго време од 65-64. Словенците влегоа во проблем во финишот па на три минути до крај Лука Дончиќ ја доби петтата лична грешка поради која мораше прерано да го заврши натпреварот, а по двете слободни фрлања на Понитка Полска поведе со шест поени 76-82. До крајот Словенците не успеаја да направат ништо без својата прва ѕвезда и го завршија својот настап на Евробаскет со пораз од 87-90.

Понитка беше најдобар кошаркар на натпреварот кој оствари трипл-дабл со 26 поени, 15 скока и 10 асистенции. Кај поразените Влатко Чанчар постигна 21 поен.

Се вчитува...