Потпретседателот на Јувентус, Павел Недвед, ги демантираше гласините дека Андреа Пирло би можел да биде сменет од тренерската функција во Јувентус. Воедно, Недвед децидно порача дека Пирло ќе остане на чело на „старата дама“ и за наредната сезона, демантирајќи дека раководството на Јуве почнало разговори со стратегот на Аталанта, Џампјеро Гасперини.
Според Недвед, разочарувачките резултати сезонава не се причина за нова тренерска смена, откако Јуве пред две години го смени Алегри со Сари, а лани на местото на Сари го донесе Пирло.
„Пирло 100% ќе остане тренер на Јувентус. Кога го почнувавме овој проект, на сите ни беше јасно дека ќе се појават пречки на патот, но ние како управа сме мирни. Знаеме дека Пирло го има сето она што е неопходно за да стане голем тренер, тој е свесен дека ја има нашата поддршка“, истакна Недвед.
Воедно, Чехот стави крај на шпекулациите дека Кристијано Роналдо во текот на летово ќе ги промени клупските бои.
„Роналдо е недопирлив, тој има договор до јуни 2022 година и сите во клубот се решени да го задржат најмалку до итекот на тој договор. Тој е играч што не само фудбалски, туку и од аспект на имиџ го крена Јуве во самиот врв на европскиот фудбал, веќе постигна над 100 гола за нашиот тим и секако дека сме пресреќни што го имаме. Кристијано Роналдо е многу едноставен човек, иако можеби на оние кои не го познаваат не им изгледа за таков“, порача Павел Недвед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА