Неизвесност: Нема пари во Фени индустри, а фабриката пред стечај

Фени индустри во минатото коло во извонреден натпревар славеше во Скопје над Карпош соколи по две продолженија, но радоста кратко траеше поради проблемите со кои се соочува кавадаречкиот кошаркарски прволигаш.

Имено, целокупната ситуација околу неизвесноста на продолжувањето со работа на фабриката Фени сериозно се одразува и врз кошаркарскиот клуб, со оглед на фактот дека токму оваа фабрика е и главен финансиер на екипата што ја предводи Љупчо Малинков. Во Кавадарци будно се следи ситуацијата, но на сите им е јасна опасноста доколку биде прогласен стечај, како што многумина најавуваат, тоа може да значи и „секнување“ на парите за поранешниот македонски шампион. Впрочем, кошаркарите и стручниот штаб немаат земено ниту една плата од почетокот на сезонава, што е јасен предзнак за големите финансиски проблеми на кавадаречкиот клуб.

Иако во последните години немаше буџет колку најбогатите тимови во Македонија, Фени индустри редовно прикажуваше добри настапи и обезбедуваше пласман најмалку во Супер-лигата. Тимот предводен од Љупчо Малинков воглавно им даваше шанса на македонските играчи, па вистинска штета би била доколку овој проект не биде соодветно покриен, па дојде до целосен ремонт на тимот. Прв нога повлече Американецот Шахид Дејвис, кој беше убедливо најдобар играч на Фени индустри сезонава, но поради неисплатените плати денеска објави дека го напушта кавадаречкиот клуб. Во најскоро време се очекува и целосна разврска на оваа ситуација, со надеж дека сепак нема да се случи „црно сценарио“ во клубот што до пред почетокот на доминацијата на МЗТ Скопје освојуваше трофеи на домашната, но и на меѓународната сцена (се закити со титулата во БИБЛ).

Се вчитува...