Нејмар го одведе Бразил во четвртфинале, мексиканската клетва никако да се урне

Бразил е петтиот четвртфиналист од мундијалот што се одржува во Русија, откако „кариоките“ попладнево славеа во пресметката со Мексико со 2-0, продолжувајќи го проклетството на овој ривал кога станува збор за осминафиналните пресметки. Имено, Мексиканците на последните шест мундијали редовно ја минуваа групната фаза, но не успеваа да ја прескокнат првата пречка во нокаут натпреварувањето, црна серија што продолжи и со денешниот пораз. Воедно, ова беше петти натпревар на Мексико против Бразил на светските првенства, при што Мексико се уште е без постигнат погодок против „кариоките“ (дури 13 примени гола на овие пет средби).

Натпреварот почна со одличен пресинг на фудбалерите на Мексико, кои добро се справуваа со Бразилците на средината од теренот, создаваа полуконтри, но за разлика од премиерниот меч со Германија овојпат немаа и стопроцентни шанси за гол. Околу половина полувреме им беше потребно на фудбалерите на Бразил да се консолидираат и да почнат да го контролираат темпото. Нејмар и Вилијан двајцата имаа одлични шанси до крајот на полувремето, но Очоа беше на висина на задачата.

Мексиканскиот голман го отвори второто полувреме со извонредна интервенција при обидот на Кутињо, но тој беше немоќен во 51. минута, кога Вилијан асистираше, а Нејмар од непосредна близина стрелаше во мрежата. Ослободени од притисокот Бразилците заиграа уште подобро, Мексико не успеа да создаде стопроцентна шанса, а пред самиот крај беа поставени и конечните 2-0, Нејмар овојпат ја имаше улогата на асистент, а стрелец беше „резервистот“ Роберто Фирмино.

Бразил во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од вечерашниот дуел Белгија – Јапонија.

Се вчитува...