Нека не запира лудилото… Ништо не е невозможно!

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски 

„Лудите“ Македонци меркаат медал. Ракометната дружина што повеќе од една деценија е заедно и ги брани боите на Македонија, надградена со некои нови помлади момци, но сега „командувана“ и од брилијантниот ракометен ум Раул Гонзалес пријатно ја изненади цела Европа. Ја натера и ЕХФ да најави дека Македонија мерка медал на ЕП во Хрватска.

Кај нас ракометот е „спорт подарен од боговите“, ја соединува Македонија како ништо друго, да пулсира заедно и во, за жал, овие поделени времиња. Сите навиваат за Кире Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Столе Стоилов, се гордеат, ги обожуваат идолите, сакаат да бидат како нив…Ги бодрат максимално, обединети во навивачката „Фаланга“ која и овојпат ја освои Хрватска.

Нека не запира лудилото. Со „ел команданте“ Раул и неговите воини, ништо не е невозможно! Го покажа тоа РК Вардар, дека македонски клуб може да се искачи на врвот на Европа.

Зошто брилијантниот ум на Гонзалес да не направи уште еден дар – мар низ ракометниот свет, и да не ја вивне Македонија меѓу височините каде досега не била?!

Се надеваме, посакуваме, навиваме, и не сакаме ова позитивно лудило да запре! Ракометарите се пред нов предизвик, ги очекуваат нови три дуели во Вараждин, а цела Македонија ќе ги преживува стресно, возбудливо, и потоа долго ќе ги прераскажува.

Нека не запира лудилото…Ништо не е невозможно!

Се вчитува...