Нема пензија за Винс Картер – осми тим во 21-та НБА сезона

Еден од најатрактивните НБА играчи на сите времиња, Винс Картер ќе биде дел од најсилната светска лига и следната сезона.

И во 41-та година од животот Картер потпиша едногодишен договор со Атланта кој за него ќе биде осми тим во кариерата. Тој е еден од само седум кошаркари кои играле најмалку 20 сезони во НБА лигата.

Осумкратниот Олстар, шампионот во забивање од 2000 година доби ветерански минимум, иако како што вели не значи дека Атланта ќе биде последниот негов клуб во кариерата и дека 21-та НБА сезона ќе му биде последна.

„Знам дека медиумите, навивачите и играчите може да бидат груби во оваа игра. Но мене тоа ми се допаѓа. Ставот ‘ти си стар и играш против момци кои половината се двојно помлади од тебе. Не би требало да си овде’, навистина не ми пречи. Мојата цел е да докажам дека сум способен за уште врвна кошарка. Вложувам многу напор, и физички и психички за да бидам подготвен“ – вели Картер по потпишувањето на договорот со Атланта.

Картер во јануари ќе наполни 42 години. Вели дека уште е способен за се и сешто на теренот, иако последните шест сезони беше резерва во Далас, Мемфис и Сакраменто.

Минатата сезона бележеше просечно 5,4 поени со 2,6 скока и 1,2 асистенции за 17,7 минути на паркет во просек за Сакраменто. Во својата 20-годишна НБА кариера играше и за Торонто, Њу Џерси, Орландо и Феникс.

Се вчитува...