Нема веќе алиби!

Македонскиот фудбал четврт век живее со алиби варијантите околу сите досегашни репрезентативни неуспеси… Оправдание секогаш имаше и за репрезентативците, и за селекторите и стручните штабови, и за челниците и за можностите и неможностите наши успешно да парираме на најдобрите европски селекции! Со Лигата на нации и повеќе од сериозната можност која ја нуди за пласман на Европското првенство 2020 сето тоа завршува!

За Македонија, стручниот штаб и актуелната генерација ништо помалку од пласман на ЕП 2020 веќе и дефинитивно не треба да биде цел. И тука не се работи воопшто за некаков притисок, за наметнување силен императив кон фудбалерите или за „агресивна желба“ на македонската спортска јавност. Но, за гола реалност од која ниту можеме, ниту смееме да избегаме. Затоа што, ако со оваа генерација преку овој систем на натпревари кој го нуди Лигата на нации не умееме да дојдеме до најсилниот континентален собир тогаш залудно би се надевале на било што повеќе во иднина!

„Македонија веќе нема алиби. Тоа му го кажав и на вашиот претседател. Преку Лигата на нации мора да дојде до ЕП“ – истакна и претседателот на УЕФА, Александар Чеферин на отворањето на новиот комплекс на Академијата на ФФМ во Скопје на почетокот од оваа година.

Затоа, патот кон ЕП 2020 безусловно мора да почне вечерва од Гибралтар. Актуелниот репрезентативен состав има повеќе од квалитетни индивидуалци кои знаат да се носат со европскиот предизвик. Смешни стануваат веќе објаснувањата за несоздавање дополнителен притисок со наметнатата фаворитска улога која мора да ја носиме. Да, предводени од Горан Пандев и тоа како сме и мора да бидеме фаворити во групата. Да, носени од комбинацијата младост и искуство со актуелните репрезентатвци кои настапуваат во силни европски лиги и тоа како мора да веруваме во сопствените можности, и отворено да го прифатиме својот квалитет а не да стравуваме од него. Време е Македонија да покаже дека и фудбалот е дел од некоја наша позитивна приказна!

Се вчитува...