Многу лесно може да се случи Илија Несторовски и новата сезона да ја мине во Палермо, откако сицилијанскиот клуб не успева да најде купец за македонскиот голгетер. Во изминатиот период се шпекулираше со бројни клубови, не стана збор за конкретна понуда, а проблем повеќе за Палермо е што преодниот рок во Италија за „Серија А“ истекува денеска во 20 часот.
Ова практично значи дека Несторовски се наоѓа во трка со времето за да си обезбеди трансфер во италијанската елита, трка што речиси сигурно ќе ја загуби. Белоти ќе остане во Торино, со што пропаѓа можноста Македонецот да замине во овој клуб како замена за италијанскиот репрезентативец. Се споменуваше и Удинезе, но „фриулијаните“ не сакаат да платат оштета и инсистираат на позајмица. Зампарини одби, па Удинезе ќе потпише договор со Сеферовиќ, со што пропаѓа уште една опција за македонскиот репрезентативец.
Тешко е да се поверува дека до 20 часот ќе биде договорен трансфер за нашиот голгетер, кој според последните информации ќе мора да остане во Палермо до јануари, по што второлигашот во зимскиот преоден рок повторно ќе се обиде да го продаде, за цена од најмалку пет милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА