Пораз на Македонија од Азербејџан на „генералната проба“ пред почетокот на квалификациите за пласман на ЕВРО 2024. Селекторот Благоја Милевски ќе има многуј главоболки пред натпреварите идната година, откако не успеа да го склопи „мозаикот“ на овие два натпревари, на кои одбраната повторно беше под нивото. По оние 1-1, клучен, се чини беше црвениот картон на Николов, кога гостите успеаја да дојдат до водство, а потоа откако силите на теренот беа израмнети, Македонија два пати ја погоди пречката од голот на противникот. Откако не успеаја, на крајот Азербејџан ја запечати победата со трет гол во мрежата на Шишковски. Така ќе мора да се среди одбраната за квалификациите, но и да се подобри ефикасноста која не успеа да биде подобра ниту на овие два меча.
Елмас ја имаше првата шанса во 6. минута, но шутира само крај голот по соло акција. Во 15. минута и прва закана за Азебејџан, но Махмудов е блокиран од Серафимов.
Во 24. минута пенал за Македонија по фаулот на Исаев над Елмас, по што Барди беше прецизен од белата точка. Сепак, проблемите во одбраната продолжија и на овој меч, по што Џафаргулијев по една супер акција го најде патот до мрежата.
Нова шанса во 43. минута имаше Азербејџан, но Шишковски спасуваше, а во финишот обид со глава на Несторовски, но топката оди само крај голот.
Прва голема прилика во вториот дел за Азербејџан, повторно одбраната невнимателна, Џафаргулијев осамен на вториот дирек, со глава, но Шишковски спасува.
Во 52. минута Македонија остана и со играч помалку, откако Бобан Николов доби втор жолт картон и беше исклучен од средбата. Милевски се обиде и со измени да освежи во средниот ред, и во игра ги внесе Етеми и Атанасов, на местата на Бабунски и Несторовски.
Меѓутоа залудно е сето тоа, затоа што Азербејџан ја искористи предноста од играч повеќе на теренот. Македонија играше се потешко, а гостите го искористија тоа во 65. минута Гурбанли по изведен корнер со глава ја смести топката во голот, и така го донесе Азербејџан на праг до победа во Скопје. Азербејџан имаше шанса да дојде и до 1-3, но ударот на Алмеида го одбрани Шишковски во корнер.
Израмнети силите на теренот во 75. минута откако исклучен беше Хагверди, кој доби директен црвен картон по стартот над Етеми.
Тоа веднаш се одрази и на теренот, па Македонија нападна, а во 79. минута Атанасов ја „стресе“ пречката со шут од 25 метри. И Дориан Бабунски имаше шанса по нафрлувањето од Бејтулаи, но голманот Магомедалиев одбрани. Македонија продолжи со нападите, и нова пречка. Овој пат во „режија“ на Барди кој упати „бомба“ кон голот на Азербејџанците, ама топката одново заврши во рамката на голот.
И овие промашувања беа сурово казнети од Азербејџан, откако Шејдаев со глава погоди по центааршутот од левата страна, со што стави крај на надежите дека Македонија може да го избегне поразот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА