Поминаа цели 33 години, но тагата и понатаму е преголема. Требаше да биде големо финале. Од едната страна Ливерпул, актуелниот првак на Европа, со Далглиш, Раш, Гробелар, од другата страна Јувентус со Платини, Роси, Тардели, Боњек… Тој 29. мај 1985 година, во финалето на Лигата на шампионите на „Хејсел“ во Брисел.
Сите чекаа почеток на големото финале, а тогаш се случи лудилото. Навивачите на Ливерпул бараа одмазда за лошиот пречек во Рим една година претходно. До судири дојде уште на улиците на Брисел, а пресметката продолжи и на трибините. Од почетокот беше само каменување кон спротивната страна, но потоа фановите на Ливерпул ја пробија заштитната ограда која ги делеше двата навивачки табори.
Се случи стампедо. Навивачите на Јувентус дојдоа веќе до ѕидот, а тој се распука од нивниот налет. Стотици луѓе пропаднаа веднаш, другите газеа врз нив, секој сакаше да се спаси, а на крајот се случи една од најголемите трагедии во историјата на фудбалот.
„Во соблекувалната ни упадна шефот на градската полиција и ни кажа што се случило. Инсистираше дека мора да играме, од Јувентус се согласија. Но, ние не сакавме да играме… Како да размислуваме за фудбал и да играме на стадионот на кој во моментот луѓе умираат“ – се потсетува тогашниот капитен на Ливерпул, Фил Нил, за натпреварот кој Англичаните и денес го одбележуваат како „ден кога умре фудбалот“.
Јувентус победи со 1-0 со голот на Мишел Платини од пенал кој не постоеше, со оглед на тоа дека беше надвор од шеснаесетникот, во 56. минута…
Како и да е, едно ќе остане заокружено од тој ден засекогаш за историјата: Никогаш да не се повтори „Хејсел“!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА