НИКОГАШ НЕ ЈА ОТПИШУВАЈТЕ МАКЕДОНИЈА: Херојска победа од „плус осум“ и пласман на СП 2025

Ракометната репрезентација на Македонија во неповторлив меч славеше над Фарските острови со 34-26, успевајќи да ја анулира негативата од седум погодоци од првиот меч и да обезбеди пласман на СП 2025. Оние „минус седум“ делуваа превисоки, но Фараните ја научија лекцијата – никогаш да не се потценува Македонија, па нашиот национален тим одигра меч за паметење во кој стигна до толку посакуваните осум гола позитива.

Фарските Острови поведоа со 0-1 и со 1-2, но Македонија одговори со предност од 3-2 преку Лазаревски, по што нашиот национален тим до самиот крај го контролираше резултатот. Како што одминуваше времето, така се зголемуваше и предноста на „црвено-жолтите“, Џонов погоди од контранапад за 7-5, а во 17. минута Костески од седмерец донесе водство од 12-9.

„Вулканот“ во салата „Борис Трајковски“ проработе, гостите за момент се изгубија, а Македонија стигна до предност од 15-10 со погодокот на Серафимов, резултат при кој не искористивме напад за „плус шест“. Во овие моменти Фарските острови добија помош од турските судии, па по исклучувањето на Кузмановски дојдоа на три гола негатива. Македонија успеа да се консолидира пред самиот крај на полувремето, па иако во одбраната беше очигледен падот во концентрацијата, со головите на Серафимов и на Митена одмор заминавме со предност од 19-15.

Нападот функцинираше одлично од стартот на второто полувреме и преку Митев дојдовме до 22-17. Во одбраната конечно покажавме жестокост во дуелите, гостите веќе не доаѓаа до лесни ситуации ниту со „седум на шест“, па со новиот гол на Пешевски Македонија за првпат на мечот стигна и до шест гола предност (23-17). Серијата продолжи, па во 37. минута со новиот гол на Костески стигнавме до 24-17, анулирајќи ја негативата од првиот натпревар.

Јагуриновски беше исклучен при 25-18, но Митев мајсторски изнуди пробивање во ситуација во која гостите напаѓаа „седум на пет“, а по примен гол во следниот напад селекторот Лазаров во 42. минута побара тајмаут при наше водство од 25-19. Митревски имаше извонреден потег кога истрча и запре контра, по која Пешевски реализираше на вистинската страна за предност од 26-19, за Кузмановски да стрела прецизно во 45 минута за толку посакуваните плус осум (27-19). Во серија одбрани влезе и Митревски, но турските судии во клучните моменти пчнаа да толерираат груби стартови од гостите, откако Митев доби удар во лицето, па мораше да ги пропушти следние три напади.

И повторно имавме одговор, Серафимов блесна со нов гол од девет метри и наше водство од 28-19. Кузмановски погоди за 29-20, кога турските судии повторно дојдоа на помош на гостите, со исклучување на Лазаревски. Филип Кузмановски како вистински лидер упати нов проектил за 30-21 со играч помалку, принудувајќи го гостинскиот селектор на нов тајмаут. Шансата да се одлепиме ја пропуштивме кога имавме играч повеќе при 31-23, но не искреиравме изградена акција во две ситуации. За среќа и Фараните не реализираа, па Македонија во последните пет минути влезе со осум гола предност (31-23). Повторно не искоистивме напад во кој дојдовме до пасива, по што гостите дојдоа до 31-24 на три минути до крајот.

Митев покажа лидерска способност, презеде одговорност кога беше најтешко и погоди за 32-24, воедно и изнудувајќи исклучување од Расмусен. Гостите го искористија последниот тајмаут, Десното крило на Теигум биеше крај дирекот, по што Пешевски даде гол за 33-24 и ерупција од воодушевување во преполната сала. Гостите погодија за 33-25, а Лазаров зљеде тајмаут на половина минута до крајот. Пешевски го постигна голот за 34-25, Фарските острови стрелаа за 34-26, но нашите ракометари искусно ја задржаа топката до самиот крај и заслужена победа и пласман на СП 2025.

Пешевски одигра перфектен меч со осум гола од осум обиди, седум гола постигна Филип Кузмановски, а шест Марко Митев.

Се вчитува...