Николиќ: Не направив чудо, само ја вратив самодовербата кај Карпош соколи

Стратегот на Карпош соколи, Драган Николиќ уште еднаш се осврна на историската сезона за овој клуб, кој покрај обезбедениот опстанок во АБА-лигата се закити и со трофејот во Купот на Македонија, а само една победа го делеше и од пехарот за шампионската титула.

Мојата анализа на минатата сезона може да се сублимира со реченицата дека јас со гордост кажувам дека по професија сум тренер на Карпош Соколи, вицешампионот на Македонија, освојувачот на пехарот во Купот и најпријатното изненадување во АБА-лигата сезонава. За паметните ова е сосема доволно. Би сакал вакви резултати да се повторат и во иднина, а дали ќе може да се надминат зависи само од сопствената желба за напредок, истакнува Николиќ во разговор за официјалната веб-страница на клубот.

„Соколите“ делуваа нокаутирано на стартот од сезонава, кога редеа само порази во АБА-лигата, но ситуацијата се промени откако на местото на Синиша Матиќ на клупата на тимот од Карпош седна Николиќ.

Немаше никаква магија во сето ова што ни се случи. Во Карпош Соколи се работело добро и пред моето доаѓање, кога всушност се поставени темелите потребни да се случи тоа што се случи. Беше само потребно да им се крене самодовербата на играчите и да се уверат дека имаат квалитет за многу поголеми работи од што покажа стартот од сезоната, кога се нанижаа порази. Клучна беше вербата која челните луѓе на клубот ја покажуваа во тие моменти, покажувајќи истрајност и решеност, знаејќи дека се на вистинскиот пат кон успехот“, дополнува српскиот стратег.

Карпош Соколи под палката на Николиќ оствари скор 10-9 во АБА-лигата, 7-3 во Суперлигата, 5-3 во плејофот како и 3-0 во Купот на Македонија. Или вкупно оствари 25 победи заедно со 15 порази.

Се вчитува...