Николиќ пред Работнички: Се надевам дека амбиентот на вечното дерби ќе биде како некогаш

Четрнаесеттото коло од Првата кошаркарска лига ќе биде комплетирано денеска во СЦ „Јане Сандански“ од 20 часот со вечното дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички. „Сино-белите“ во овој натпревар влегуваат во одлична атмосфера по победата против Цедевита Олимпија во АБА лигата, додека „црвено-белите“ ќе бараат излез од кризниот период и серијата порази.

Тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ очекува добар натпревар на теренот, но и амбиент на трибините кој беше претпознатлив за средбите на „вечните“ во минатото.

„Имав можност да проследам едно историско финале и знам што значи тоа дерби. Работнички го има мојот поранешен играч Малешевиќ, како и плејмејкерот кој мојот агент до доведе тука како големо засилување за тимот. Се случуваат и позитивни промени во клубот со кој во следниот период ќе биде тој кој беше, а од друга страна ние на терен не сакаме да биде така. Тоа е јасно како ден. Очекувам добар натпревар. Тие се повеќе одморени од нас, последниот натпревар го имаа во среда. Имаат и добри домашни играчи, тој младиот многу ми се допаѓа. Нема да го именувам бидејќи не е педагошки кога ќе го кажеш името на младиот играч, но јасно е на кого алудирам. Има и еден од Феникс кој уште повеќе ми се допаѓа. Вечно дерби не може да се прогнозира, но се надевам дека и едните и другите на теренот, и сите кои ќе дојдат на натпреварот ќе направат амбиент да изгледа блиску до тоа што го паметам“, изјави Николиќ.

Се вчитува...