Николиќ: Шутот е како жена, некогаш може да те остави, некогаш ќе те послужи

Тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ истакна дека е разочаран од неговите избраници во нивната реализација, особено од шутот за три поени. Неговиот тим погоди само три од вкупно 20 шутеви за три поени, што е најслаба статистика од кога тој ги води Соколите. Николиќ вели дека од овој пораз неговиот тим има што да научи, а тоа најдобро ќе го демонстрираат по последниот дуел од регуларната сезона против Кожув.

„МЗТ подобро го започна мечот. Не реагиравме на нивните фаули како што треба во првата четвртина, а тие полека ја градеа разликата.  Имаше неколку фактори поради кои го загубивме натпреварот. На негатива од пет кошеви, ние не реализиравме два, три напади, тие повторно избегаа резултатски, поготово на почетокот на третата четвртина кога се случи и најголемата разлика. Стартот на второто полувреме е најлош на мојата екипа во оваа сезона. Во вакви натпревари не смееме да правиме повеќе фаули во првиот дел, отколку во вториот. МЗТ имаа неколку фаули повеќе од нас, играа поцврсто, погрубо и тоа им донесе бодови.  Статистиката под кошевите вели дека нам ни недостатуваше срце и борбеност за да дадеме повеќе отпор и да биде ова вистинско дерби. Шутот за три поени беше статистички најслаб откако сум тренер на овој клуб, па ќе гледаме тоа да не се повтори. Но, шутот е како жена, некогаш може да те остави, а некогаш ќе те послужи. Тоа вечерва не беше во наша полза, но замерката е во одбраната и почетничките грешки. Сигурен сум дека ќе научиме многу од овој пораз. Не верувам дека моите играчи беа под притисок од домашната публика, но ги оправдувам за разговорите со судиите кои вечерва ги имаше повеќе од обично. Имаме уште еден меч во лигата против Кожув, ќе се подготвуваме за него, а потоа и за плеј-офот“ – изјави Николиќ.

Се вчитува...