Ништо ново од МЗТ Скопје – нов убедлив пораз од Приморска

МЗТ Скопје го претрпе и вториот пораз во два дена од Приморска, повторно со убедлив резултат (95-72), по што македонскиот претставник се наоѓа пред невозможна мисија, да врзе три победи и да слави во финалната серија од АБА2 лигата. Слично како и на вчерашниот дуел, „сино-белите“ повторно немаа одговор за словенечкиот состав, кој одигра на повиссоко ниво од македонскиот вицешампион и заслужено стигна до победата.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов парираа половина четвртина, имаа предност од 12-13 пред Приморска да направија серија од 8-1 и да си создаде предност по која домаќините лесно го контролираа резултатот. Првата четвртина заврши со резултат 25-20, за потоа словенечкиот клуб во 18. минута да стигне и до првото двоцифрено водство (39-29). МЗТ во вториот дел во ниту еден момент не ја спушти разликата под десет поени, а Приморска во третиот период стигна и до „плус 21“ (64-43). Остатокот од натпреварот беше рутина за словенечкиот клуб, кој рутински ги доврши последните десет минути за конечна победа од 95-72.

Медфорд со 22 поени беше прв стрелец на „металците“ при вечерашниот пораз, а по десет поени постигнаа Иванов и Вудард. Во таборот на Приморска најдобар поединец беше Чакарун со 26 поени.

Двата тима ќе имаат само еден слободен ден, бидејќи веќе за четврток е закажан првиот натпревар во Скопје. Доколку МЗТ слави на оваа средба, четвртиот меч од финалната серија ќе се игра веднаш в петок во СЦ „Јане Сандански“. Само за потсетување, МЗТ Скопје во случај на пораз во ова финале ќе има втора шанса за влез во АБА1, преку бараж дуел со Задар, кој беше претпоследен во елитното друштво од регионалното натпреварување.

Се вчитува...